Се гради ново основно училиште во Ченто
Министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска извршија увид во градежните работи. Тие информираа дека активностите се одвиваат согласно предвидената динамика...

До септември следната година се очекува да заврши изградбата на новиот објект на основното училиште „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто во општина Гази Баба. Новото училиште ќе ги замени дотраените бараки стари повеќе од шест децении. Според најавите, новото училиште ќе располага со 30 модерни училници и кабинети, што ќе овозможи подобри услови за настава за учениците од овој дел на општина Гази Баба.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска извршија увид во градежните работи. Тие информираа дека активностите се одвиваат согласно предвидената динамика и дека проектот е дел од поширока владина стратегија за унапредување на образовната инфраструктура.
„Ова е една од осумте нови училишни згради кои се градат во моментов, како дел од над 30 инфраструктурни проекти вредни 32 милиони евра. Заедно со реконструкции на постојни објекти, спортски сали и студентски домови, инвестираме во подобро образование за сите“, изјави министерката Јаневска.
Градоначалникот Стефковски потенцираше дека новото училиште ќе им овозможи на учениците и наставниците услови достојни за современо образование и ќе придонесе за напредокот на локалната заедница.
