Нова рунда преговори

Киев го објави мировниот план, Москва тактизира- дипломатијата на потег

02.06.2025 14:28

Во дворецот „Чирган“ во Истанбул, нова рунда директни преговори помеѓу Украина и Русија. Средбата доаѓа во време на ескалација на војната, откако Киев ја изведе дрон-операцијата „Пајакова мрежа“, во којашто беа нападнати руски аеродроми и уништени бомбардери. На состанокот во Турција, на маса меморандуми за идниот мировен договор…

Дипломатијата на потег. Нова рунда разговори меѓу Киев и Москва во Истанбул. Двете страни ќе ги презентираат меморандумите за иден мировен договор. Делегациите ги предводат помошникот на рускиот претседател, Медински и министерот за одбрана на Украина, Умеров. Киев го објави мировниот план, Москва тактизира, не сака содржината да се разгледува низ медиумите. Во екот на преговорите, интензивни воени дејствија. Со балистички проектили, Москва го нападна Харков, Запорожје, Суми, има жртви и повредени.

„Се случи експлозија, а потоа истрчавме кон засолништето, во подрумот. Се се урна, прозорците беа скршени, покривот беше оштетен. Гипсот во подрумот падна, се беше покриено со прашина. Беше како во кошмар, многу застрашувачки“, вели жителка на Харков.

Руската Федерална служба за безбедност објави дека спречила саботажа на дел од железничката пруга на Далечниот Исток. Украина викендов нападна четири воени бази и оштети руски воени авиони во акцијата „Пајакова мрежа“. Штетата се проценува на 7 милијарди долари.

„34 проценти од стратешките носачи на крстосувачки ракети стационирани во воздухопловните бази беа погодениНашиот персонал работеше низ повеќе руски региони – во три различни временски зони. Навистина е задоволувачки кога нешто што го одобрив пред година и пол ќе се реализира и ќе ги лиши Русите од над 40 единици стратешка авијација“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Вилнус е домаќин на самитот на лидерите на балтичките држави и претставници од Скандинавија – заедно со генералниот секретар на НАТО, Руте. Данската премиерка со порака, Украина има право да се брани.

„Мислам дека тие имаат право да се бранат, а понекогаш тоа вклучува и возвраќање, па се чини дека беше успешно“, нагласи Мете Фредериксен, премиерка на Данска.

Учесниците на состанокот во Литванија разговараат за понатамошна воена помош за Украина и зајакнување на одбраната на источниот крило на НАТО. Клучната тема е усогласување на ставовите пред самитот на алијансата во Хаг во јули. Во меѓувреме, Велика Британија објави дека ќе гради нови нуклеарни подморници за напад и ќе создаде армија подготвена за војна во Европа, како дел од зголемувањето на воените трошоци во одбраната.

Маријана Димовска