Култура

Драмски театар Скопје и Народниот театар Ниш потпишаа меморандум за соработка

02.06.2025 13:58

Документот го потпишаа директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, и в.д. директорката на нишкиот театар, Ана Савиќ, за време на работната посета на Вељановски на Ниш. Соработката има за цел унапредување на културната размена и уметничко поврзување меѓу двете институции.

Драмски театар Скопје воспостави официјална соработка со Народниот театар Ниш, со потпишување на меморандум кој предвидува заеднички активности, размена на претстави и реализација на копродукциски проекти.

Документот го потпишаа директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, и в.д. директорката на нишкиот театар, Ана Савиќ, за време на работната посета на Вељановски на Ниш. Соработката има за цел унапредување на културната размена и уметничко поврзување меѓу двете институции.

„Гостувањата и размената на искуства се исклучително важни за професионалниот развој на уметниците, а воедно нудат можност публиката да ужива во претстави од регионот,“ изјави Вељановски.

Тој го нагласи и значењето на регионалната унија на театри, РУТА, која веќе пет години успешно организира театарски фестивали и копродукции низ Балканот. Во таа насока, Драмски театар Скопје моментално работи на нова копродукција – претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ во режија на Иван Пеновиќ, во соработка со театри од Белград, Љубљана и Будва. Премиерата е закажана за 10 август на фестивалот во Будва, а претставата ќе се изведува и на „Охридско лето“, Бриони во Хрватска и на фестивалот РУТА во Скопје во октомври.

Како дел од новата соработка, ансамблот на Народниот театар Ниш ќе гостува во Скопје на почетокот на новата театарска сезона.