Влада

Целосна либерализација на увозот на американски стоки и укинување на царините

02.06.2025 14:48

Министерството за финансии изготви законски измени. Со нив се предлага, целосна либерализација на увозот на американски стоки и укинување на царините. Од идниот месец ќе има и пониски царински стапки за увозни призводи и репроматеријали за неколку индустрии...

Се олеснува работата на македонските компании со странските земји. Владата одлучи целосно да го ослободи увозот на 67 стоки од САД, а од 1 јули годинава стапуваат на сила нови пониски царински стапки за увозни производи за автомобилската, металопреработувачката и енергетиката индустрија, усогласени со царините на Европската унија. Законот е испратен во Собрание и се очекува час поскоро да биде донесен.

Пресметката, според министерката за финансии, е дека земјава ќе има фискални импликации 2 милиони евра годишно за овие 67 производи. Целосното усогласување на царинските стапки со ЕУ вкупно ќе има финансиски импликации од 4 милиони евра годишно.

Поволност за македонската економија е и гаранцијата и кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство, кои се важен фактор за каматата под која ќе се повлекуваат парите од заемот од 6 милијарди евра и затоа Владата очекува тој да биде под 4,5%.

Според Владата, во првите 5 години ќе се повлечат 2,2 милијарди евра, пари со кои ќе се гради брзата пруга од Табановце до Гевгелија, но и од Скопје до аеродромот во Петровец. Пари ќе има и за инвестиции во здравствени установи.

 

Борис Грујоски