Арсовска од денес јавно ќе објавува документи кои ги доставила до институциите за криминал во Општина Чаир
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска од денес јавно ќе објавува документи кои ги доставила до институциите за криминал во Општина Чаир. Во Обвинителството е отворен предмет, катастарот не гледа вина во постапувањето.

Обвинителството ја проверува релевантноста на доказите за дивоградбите во Чаир коишто до нив ги достави скопската градоначалничка Данела Арсовска. Оттаму за МТВ велат дека била сослушана и рекла оти ќе достави уште докази.
„Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска беше сослушана во ОЈО Скопје во врска со нејзините сознанија околу наводни дивоградби во Чаир и достави определена документација. Обвинителството оформи предмет кој е распореден кај надлежен јавен обвинител од Одделението за сложен и сериозен криминал во ОЈО Скопје и веќе се преземаат дејствија на проверки“, соопштија од Обвинителство.
Арсовска бара институциите да не дозволат уништување на доказите и порача оти се што има како документ, јавно ќе објави.
„Ќе ги објавувам документите кои се доставени до институциите и обвинителството, а секој граѓанин ќе може да види што се правело, ќе мора да види и обвинителството, по што се надевам неодложно ќе мора да ги обезбеди во целост документите за предметите од Висар Ганиу и Ејуп Адеми пред да ги уништат“, изјави Арсовска.
Од Катастарот за МТВ потврдија дека општина Чаир своевремено побарала да се легализира објектот, но потоа доставила и ново барање за поништување на легализацијата.
Скопската градоначалничка обвинува дека во Чаир се правел криминал, оттаму и одговорија, пак, дека таа е продолжена рака на ДУИ во обид за дестабилизација на земјава.
Анита Димитријевска – Велковска
