Повторно на маса предлогот за една изборна единица
Поттик за демократизација, демонтажа на еднопартискиот систем – во Собранието поднесен измени за една изборна единица. Власта прифаќа под услов да гласа и дијаспората…

Предлогот за една изборна единица е повторно на маса – Демократскиот сојуз и Либерално-демократската партија иницираат измени на Изборниот законик. Бараат секој глас да има еднаква вредност, но според нив, една изборна единица ќе донесе и поголема демократизација на општеството.
Од ЛДП бараат една изборна единица, но и отворени листи и вклучување на барањата за независните листи.
„Уште еднаш ја нагласуваме потребата од праведен и транспарентен изборен модел, кој ќе обезбеди еднаквост на гласот. Цврсто веруваме дека оваа промена ќе донесе поголема транспарентност, поголема одговорност на избраните претставници, како и посилна демократија“, порачаа од партијата.
За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо да има една изборна единица, но под услов да гласа и дијаспората.
Левица смета дека предлогот за една изборна единица ќе го поддржат, зашто тоа е нивна заложба уште во нивната партиска програма од 2016-та година.
Барањата за една изборна единица се стари, а досега за нив немаше општ консензус. Последниот законски обид беше во 2022-ра година, но не ја доби поддршката на ДУИ кои го блокираа процесот.
Игор Панов
