Нова рунда директни преговори помеѓу Украина и Русија
Во Истанбул, нова рунда директни преговори помеѓу Украина и Русија. Средбата доаѓа во време на ескалација на војната, откако Киев ја изведе дрон-операцијата „Пајакова мрежа“, во којашто нападна руски аеродроми и уништи бомбардери. На состанокот во Турција, на маса меморандумите за идниот мировен договор…

Дипломатијата на потег. Делегациите на Киев и Москва повторно на маса во Истанбул. Се презентираат меморандумите за иден мировен договор. Турскиот министер за надворешни очекува продуктивна средба.
„Преговорите што ќе ги водиме овде ќе бидат важни за одредување на нашата заедничка вера на регионално, како и на глобално ниво. Целиот свет следи. Треба да ја искористиме оваа можност и се надеваме дека ќе имаме конкретни резултати што ќе нè доведат до мир уште еден чекор поблиску. Се надевам дека преговорите ќе донесат плодни резултати за украинскиот и рускиот народ“, изјави Хакан Фидан, министер за надворешни работи на Турција.
Наспроти преговорите, продолжуваат жестоки борби. Руски напади врз Харков, Запорожје и Суми како одговор на украинската операција „Пајажина“, која оштети четири бази и авиони вредни 7 милијарди долари. Москва соопшти дека спречила саботажа на железницата на Далечниот Исток. Од самитот во Вулнус на лидерите од источниот блок на НАТО и нордиските земји, Зеленски порача-Русија мора да ги почувствува загубите за да се поттикне на дипломатија. Доколку и оваа рунда преговори не донесе резултати, бара силни санкции.
„Русија мора да ги почувствува своите загуби, тоа е она што ќе ја турне кон дипломатија. Кога Русија ќе претрпи загуби во оваа војна, очигледно ќе стане дека Украина е таа што ја држи линијата – не само за себе, туку за цела Европа. Мораме да направиме сè за да се осигураме дека дипломатијата нема да биде празна. Нашата делегација е во Истанбул и подготвени сме да преземеме потребни чекори за мир. Ако Русија ја поткопа дури и оваа почетна агенда и состанокот не донесе ништо, тоа јасно значи дека итно се потребни силни нови санкции – од ЕУ и од САД“, нагласи Зеленски.
Фокусот во Литванија ставен на поголема воена помош за Украина и зајакнување на одбраната, со цел усогласување на ставовите пред јулскиот самит во Хаг.
„Нема безбедност без силна одбрана и нема да има трајна безбедност без стабилна Украина. Затоа продолжуваме да ги поддржуваме напорите за ставање крај на оваа брутална војна и да ѝ помогнеме на Украина да се одбрани денес и да ја спречи агресијата во иднина. Ова ќе биде на маса и оваа недела кога ќе се сретнеме со Контактната група за одбрана на Украина, со која претседаваат Германија и Обединетото Кралство в среда“, рече Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Во исто врме, Велика Британија објави дека ќе гради нови нуклеарни подморници за напад и ќе создаде армија подготвена за војна во Европа, како дел од зголемувањето на воените трошоци во одбраната.
„Кога сме директно загрозени од држави со напредни воени сили, најефикасниот начин да ги одвратиме е да бидеме подготвени и искрено да им покажеме дека сме подготвени да го испорачаме мирот преку сила. сè што правиме ќе ја зголеми силата на НАТО“, вели Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
Ова е првиот преглед од 2021-та, што се одвива во свет изменет од руската инвазија на Украина пред три години и реизборот на претседателот Трамп минатата година.
Бојана Крстевски
