Украина

Преговорите во Истанбул без посакуваните разултати

03.06.2025 09:28

Како и на првата рунда разговори, така и овојпат, Русија и Украина во Истанбул се согласија само да разменат затвореници. Москва одбива безусловно примирје. На фронтот, борбите не запираат...

Киев и Москва во Истанбул се согласија да разменат затвореници и тела на убиени војници. Рускиот тим го предаде својот меморандумот за мир, украинскиот тврди дека ќе им треба една недела да го разгледаат и да ги координираат натамошните чекори. Украинската делегација бара безусловен мир и средба на највисоко ниво.

„Нашиот предлог е безусловно примирје во воздух, море и копно, најмалку 30 дена. Оваа позиција останува непроменета три месеци и ја сметаме за основа за започнување мирно решение“, изјави Рустем Умеров, министер за одбрана на Украина.

Од друга страна, Русија понуди привремен крај на конфликтот и воено ограничена и неутрална Украина без четирите региони.

„Украинската страна зборува за потребата од прекин на огнот, прилично генерално. Ние конкретно предложивме прекин на огнот од два или три дена во одредени делови од фронтот. Ова сега ќе го разработат нашите воени специјалисти со украинските“, изјави Владимир Медински, шеф на руската делегација.

Разговорите се одвиваа ден по низа напади од двете страни. Зеленски од самит во Литванија со Балтичките и Скандинавските земји изјави дека го поддржува предлогот на Ердоган за организирање средба со Трамп и Путин.

„Имав разговор со претседателот Ердоган од Турција и тој ме праша како би се чувствувал во врска со состанок на четири лидери: тој самиот, претседателот на САД, Путин и јас. Му реков дека поддржувам самит на лидери, бидејќи имам впечаток дека прекин на огнот нема да се случи без таков состанок“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Од Белата Куќа велат дека претседателот Трамп е отворен за поканата на Ердоган.

 

Маријана Димовска