Борбите не запираат

Киев бара безусловно примирје, Москва одбива

03.06.2025 10:27

Како и на првата рунда разговори, така и овојпат, Русија и Украина во Истанбул се согласија само да разменат затвореници. Киев бара безусловно примирје, Москва одбива. На фронтот, борбите не запираат …

Прекини во снабдувањето со електрична енергија во делови од територијата под руска контрола во регионите Запорожје и Херсон по украински напади со дронови. Стотици илјади луѓе останаа без струја. Нападите се случија неколку часа по мировните преговори во Турција на кои Киев и Москва се согласија да разменат затвореници и тела на убиени војници. Украинците песимисти, не очекуваат дека наскоро ќе има мир.

„Генерално, условите за мир што ги предлага Русија и условите за мир што ги предлага Украина воопшто не се совпаѓаат“, вели украински војник.

„Дали дипломатското ниво ќе доведе до крај на војната? Не. Јас сум од Крим, мојот сопруг е од Крим. Треба да покажеме со сила дека не можеме да бидеме поразени“, вели жителка на Киев.

„Тешко е да се надеваме дека терористичката држава ќе ги промени своите намери, своите методи, своите мерки во однос на Украина. Јас не можам да сметам дека сè ќе се реши мирно во блиска иднина“, изјави жител на Киев.

„Најкритично и најважно е да се разменат војниците од Азовската бригада, бидејќи дадоа се што имаа и треба да бидат вратени“, изјави украински војник.

Украинската делегација вчера одново побара безусловен мир и средба на највисоко ниво.

„Нашиот предлог е безусловно примирје во воздух, море и копно, најмалку 30 дена. Оваа позиција останува непроменета три месеци и ја сметаме за основа за започнување мирно решение“, изјави Рустем Умеров, министер за одбрана на Украина.

Русија понуди привремен крај на конфликтот и воено ограничена и неутрална Украина без четирите региони што ги анектираше од почетокот на војната.

„Украинската страна зборува за потребата од прекин на огнот, прилично генерално. Ние конкретно предложивме прекин на огнот од два или три дена во одредени делови од фронтот. Ова сега ќе го разработат нашите воени специјалисти со украинските“, изјави Владимир Медински, шеф на руската делегација.

Зеленски од самит во Литванија со Балтичките и Скандинавските земји изјави дека го поддржува предлогот на Ердоган за организирање средба со Трамп и Путин. Од Белата Куќа велат дека се отворени за поканата.

Маријана Димовска