Започна 9. издание на Статуафест
„Темата годинава е посветена на светот на соништата – скриените визии што нè инспирираат, нè водат и ја бојат секојдневната реалност. Живите статуи ќе го разбудат чувството за магија и ќе понудат моменти на длабока замисленост“, стои во соопштението од организаторите.

Со вчерашното отворање на улицата „Македонија“ во Скопје, започна деветтото издание на уличниот уметнички фестивал Статуафест – Соништа, кој ќе трае до 4 јуни.
Организиран од здружението „Театроск“, фестивалот и оваа година ја претвора улицата во сцена, каде живите статуи го претставуваат спојот меѓу движењето и мирувањето, тишината и изразот, сонот и јавето.
„Темата годинава е посветена на светот на соништата – скриените визии што нè инспирираат, нè водат и ја бојат секојдневната реалност. Живите статуи ќе го разбудат чувството за магија и ќе понудат моменти на длабока замисленост“, стои во соопштението од организаторите.
Статуафест не е само фестивал, туку повик за пауза од секојдневието – простор каде што уметноста ги буди сетилата, а соништата проговоруваат.
Граѓаните се поканети да го посетат фестивалот и да уживаат во уникатните уметнички изведби кои го збогатуваат урбаниот пејзаж на главниот град.