Ансамблот на МНТ добитник на специјална Стериина награда за колективна актерска игра
Во образложението, жирито истакнува дека концептот на претставата се заснова на идејата дека поединецот на сцена добива значење само како дел од колектив кој делува како „заедничка душа“. Ваквата синхронизирана и длабоко поврзана игра, според нив, го враќа МНТ меѓу врвните театри на овие простори и по подолг период повторно му обезбедува признание на овој реномиран фестивал.

Ансамблот на Македонскиот народен театар од Скопје е добитник на Специјалната Стериина награда за колективна актерска игра на 70. издание на престижниот театарски фестивал Стериино позорје во Нови Сад.
Наградата беше доделена за изведбата на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, во продукција на МНТ. Одлуката ја донесе жири-комисијата составена од Вања Ејдус (претседател), Дражен Ференчина, Федор Шили, Петар Грујичиќ и Ѓорѓе Косиќ – едногласно, на завршната седница одржана на 2 јуни 2025 година.
Во образложението, жирито истакнува дека концептот на претставата се заснова на идејата дека поединецот на сцена добива значење само како дел од колектив кој делува како „заедничка душа“. Ваквата синхронизирана и длабоко поврзана игра, според нив, го враќа МНТ меѓу врвните театри на овие простори и по подолг период повторно му обезбедува признание на овој реномиран фестивал.
Оваа награда претставува силна потврда за квалитетот и единството на ансамблот на МНТ и нивната посветеност кон театарската уметност.
