воен конфликт

Киев и Москва ги интензивираат нападите

03.06.2025 16:10

И покрај разговорите за ставање крај на војната, Киев и Москва ги засилија нападите. Стотици илјади луѓе во Запорожје останаа без струја по напад со беспилотни летала, жртви и повредени во регионот Суми, гранатирана Одеса. Зеленски го поддржа предлогот на Ердоган за организирање состанок со Трамп и Путин. Од Кремљ со став, таа средба мора да биде добро подготвена …

Неколку часа по втората рудна мировни разговори во Истанбул, Русија и Украина ги продолжија нападите. Гранатирани неколку региони, жртви и повредени во Суми, предизвикана значителна штета на инфраструктурата.

„Можеме да видиме дека ѕидовите се оштетени, напојувањето со електрична енергија било прекинато. Повеќето од прозорците се оштетени. Автомобилите биле изгорени“, изјави Станислав Полјаков, заменик-градоначалник на Суми.

Нападната и Одеса, прекини во снабдувањето со електрична енергија во делови од територијата под руска контрола, Запорожје и Херсон. Стотици илјади луѓе останаа без струја.

„За жал, денес непријателот нанесе голем удар на електричната инфраструктура на областа Запорожје. Голем број трафостаници се оневозможени. Разбирам дека тешкотиите предизвикани од нападот на украинскиот режим ќе траат уште некое време, но ветувам дека ќе ја исполнам задачата што е можно побрзо“, изјави Евгениј Балицки, руски раководител на регионот Запорожје.

Киев и Москва се согласија да разменат затвореници и тела на убиени војници. Украинската делегација вчера одново побара безусловен мир најмалку 30 дена. Русија пак понуди привремен крај на конфликтот и воено ограничена и неутрална Украина без четирите региони што ги анектираше од почетокот на војната.

„Се е насочено кон отстранување на основните причини за овој конфликт и движење кон одржливо решение. Во Истанбул беа постигнати одредени договори. Тие се навистина важни, пред сè, договорите за луѓето кои ќе бидат спроведени“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Зеленски го поддржа предлогот на Ердоган за организирање средба со Трамп и Путин. Од Белата куќа велат дека се отворени за поканата.

„Имав разговор со претседателот Ердоган од Турција и тој ме праша како би се чувствувал во врска со состанок на четири лидери: тој самиот, претседателот на САД, Путин и јас. Му реков дека поддржувам самит на лидери, бидејќи имам впечаток дека прекин на огнот нема да се случи без таков состанок“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Од Кремљ со став, таа средба е малку веројатно да се случи во блиска иднина. Претседателот Путин ја поддржува идејата за контакти, но верува дека тие треба да бидат добро подготвени.

 

Маријана Димовска