Под влијание на климатските промени се повеќе се намалуваат земјоделските приноси
Земјоделието на удар од климатските промени. Се намалуваат приносите. Но не само поради климатските промени според експертите влијание имаат и малиот профит, напуштањето на селата иселувањето на младите...

Под влијание на климатските промени се повеќе се намалуваат земјоделските приноси. Екстремно високите температури и слабите врнежи го намалуваат родот. Штети има и од поројните дождови, невремиња и поплави.
Мора да се изнајдат решенија со кои земјоделците ќе го прилагодат своето производството. Но не се само климатските промени виновни за намалените приноси, влијание има и малиот профит, напуштањето на селата и иселувањето на младите.
„Ние како држава сме ориентирана пред сè на производство на земјоделски производи, но сите дефицитни работи треба да ги увеземе, Сепак тој сооднос на произведеното и увезеното исклучителен важен, бидејќи на тој начин ние даваме поддршка на македонскиот земјоделец“, истакна Борче Серафимовски Државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од година во година се намалува бројот на земјоделци, во земјава има само околу 70.000.
„Многу малку млади влегуваат во секторот, сега нашиот просечен земјоделец е постар од 60 години“, професор Ордан Чукалиев.
„Профитната маржа или обезбедување на основна живејачка е дискутабилна. Голем процес на иселување. Стареењето на руралната популација, имаме напуштање на селата“, вели Бобан Илиќ генерален секретар на Програмата за рурален развој во Југоисточна Европа.
Потребни се итни мерки и за прилагодување на земјоделското производство но и за едукација.
„Да направиме прилагодување во земјоделието, тоа е еден од клучните сектори одговорен за снабдување со храна. Да ги советуваме земјоделците да садат сорти, видови земјоделски култури кои се поотпорни на овие нагли промени, вели Бојана Станојевска Пецуровска - Центар за климатски промени.
„Потребно е да користат попрецизна агротехника, и фертиригација, да воведуваат ѓубрење со наводнување, да имплементираат системи на конзерваторска обработка на почва, интегрирано управување со ресурсите почва и енергија и да ги следат агрометеоролошките прогнози“, вели УХМР.
Земјава размислува за воведување Државен осигурителен фонд, преку кој ќе може да се обесштетуваат земјоделците зафатени од елементарни непогоди.
Соња Рилковска
