Холандија

Падна холандската влада- лидерот на крајната десница ја напушти владејачката коалиција

03.06.2025 17:34

Холандската влада падна откако Герт Вилдерс ја повлече својата партија од коалицијата поради несогласувања за миграцијата. Коалициските партнери го осудија потегот, а опозицијата побара итни избори. Се очекуваат предвремени избори и привремена влада до одржувањето на НАТО-самитот во Хаг…

Падна холандската влада. Десничарскиот популист, Герт Вилдерс ја повлече својата Партија за слобода од владејачката коалиција поради несогласувања околу миграцијата. Изјави дека повеќе не може да ја преземе одговорноста за владата, бидејќи неговата ветена строга политика за азил и предлозите за затворање на границите и миграциските центри во земјата, не добиле поддршка од коалициските партнери, кои според него, нуделе само нејасни предлози наместо цврсти обврски.

„Ги прашав, сега би рекол, поранешните коалициски партнери за нивната поддршка, барем за поголемиот дел од тие мерки. Тие не нè поддржаа. Затоа, не можев ништо друго освен да кажам дека ја повлекуваме нашата поддршка за овој кабинет. Го информирав премиерот, повеќе не можеме да носиме одговорност. Потпишав за најстрога политика за азил, а не за пропаст на Холандија. Нашата одговорност за кабинетот завршува во овој момент“, изјави Герт Вилдерс, пратеник од крајната десница.

Другите коалициски партии остро го осудија потегот на Вилдерс нарекувајќи го неодговорно политичко самоубиство.

„Имам чувство дека остави кабинетот да падне. Нема простор за дискусија со него“, изјави Каролин ван дер Плас, ФГД.

„Единственото што го гледам овде е некој што не сака да преземе одговорност. Кој ги разочарува своите гласачи. Навистина нема да има десничарски кабинет по ова. Тоа е она од што се плашам, а голем дел од Холандија сака десничарска политика. Навистина сум лута“, изјави Дилан Јешилгоз, НПСД.

„Се надевавме дека добро размислил за тоа, но дојде со многу кратка порака: тој повеќе не го сака ова“, изјави Николин Ван Вронховен, НОД.

Лидерот на најголемата опозициска група во холандскиот парламент, пак, повика на итни избори.

„Холандија заслужува влада што ќе ги обедини луѓето и ќе работи рамо до рамо на вистински решенија. Време е за избори, ние сме подготвени“, изјави Франс Тимерманс, лидер на Гроен Линкс-Пвда.

Потегот на Вилдерс стави крај на нестабилната коалиција, која од формирањето во јули минатата година не успеа да постигне согласност по клучни прашања. Се очекуваат нови избори во следните месеци, а Холандија ќе има привремена влада во пресрет на НАТО-самитот во Хаг, каде ќе се дискутира за зголемување на одбранбените трошоци.

Бојана Крстевски