Град Скопје

Арсовска: Надлежните институции да не штитат никого и да постапат по поднесените пријави

03.06.2025 18:13

Градоначалничката Арсовска ги повика премиерот Мицкоски и министерот Тошковски да реагираат по наводите за незаконски градби во општина Чаир. Прстот повторно го впери кон Висар Ганиу, за кој вели дека работел противзаконски.

Надлежните институции да не штитат никого и да постапат по поднесените пријави. Градоначалничката Арсовска ги повика премиерот Мицкоски и министерот Тошковски да реагираат по наводите за незаконски градби во општина Чаир. Прстот повторно го впери кон Висар Ганиу, за кој вели дека работел противзаконски.

Реакциите на Арсовска, за министерот Тошковски се само циркус и парада пред избори. Според него, обрвска на градоначалниците е да вршат контрола дали се работи според Закон. Во врска со пријавите на градоначалничката на Град Скопје за заканите по живот, министерот вели дека МВР и Обвинителството реагираат по однос на секоја пријава.

Градоначалникот на Чаир во изјава за МТВ вели дека Арсовска неправедно го обвинува. Ганиу ја повика градоначалничката да не дозволи да биде манипулирана од структурите на ДУИ.

Во меѓувреме, во полиција повикан е мажот кој ѝ се заканувал на Арсовска, известија од МВР. Тој ги негира наводите на градоначалничката и тврди дека само се обидел да снима со телефонот, но не успеал.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство отвори истрага за шесткатница дивоградба во Чаир. Кривично ќе гони едно лице поради бесправно градење. Привремено ќе му биде одземена патната исправа и ќе му се забрани изведување градежни работи на објектот.

„Објектот почнал да се гради во 2024 година, без одобрение и на државно земјиште на улицата ’Кемал Сејфула‘ во Чаир. Осомничениот, како управител на правно лице, се јавува како инвеститор на градбата – станбена зграда со деловни простории и катност По+П+6+Пк наменети за продажба“, соопшти Обвинителството.

Борис Грујоски