Утре извештај за напредокот на Македонија

Поддршка од Брисел за членството во ЕУ

03.06.2025 18:49

Ден пред извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, еврокомесарката Кос се понуди да биде олеснувач во разговорите меѓу Скопје и Софија за да се најде решение. Државниот врв со став – Македонија ги заврши работите, очекува реален извештај и поддршка за резолуцијата за посебноста на македонскиот јазик и идентитет…

Шефицата на македонската држава Гордана Сиљановска-Давкова во пресрет на извештајот за напредокот на Македонија очекува реално отсликување на ситуацијата. Сепак, шокантно е некој во 21-ви век да ве негира, вели претседателката, осврнувајќи се на бугарскиот амандман за извештајот и резолуцијата во бугарскиот парламент изгласана пред неколку дена.

Наша политичка цел е да ги започнеме преговорите со Македонија по кластерот „Основни вредности“, штом ќе бидат усвоени потребните уставни измени, порача денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот.

„Бугарија и Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за ова билатерално прашање и јас стојам на располагање како олеснувач ако е потребно“, истакна Кос.

Во извештајот подготвен од Томас Вајц се потврдуваат македонскиот идентитет и јазик, но, поднесен е амандман од бугарски пратеник кои предлага да се додаде зборот „сегашен“ во однос на македонскиот идентитет.

Главната цел на Бугарија е да нè претстави како нова вештачка нација, да се покаже дека ние сме од корените на бугарската нација. Такво нешто нема да дозволам и да прифатам, вели шефот на македонската влада, Христијан Мицкоски. Очекувам Европа да даде конкретен одговор и да ја исправи историската неправда кон нас, вели Мицкоски.

Миле А. Ристески