Евроинтеграции

Предлог- извештајот на Вајц пред Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент

04.06.2025 08:26

Државниот врв со став - Македонија ги заврши работите, очекува реален извештај и поддршка за Резолуцијата за посебноста на македонскиот јазик и идентитет.

Предлог- извештајот на изветувачот за земјава Томас Вајц денеска пред Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент. На расправа во рамките на АФЕТ посветена на проширувањето во Европската унија, еврокомесарката Кос се понуди да биде олеснувач во разговорите меѓу Скопје и Софија за брзо изнаоѓање решение.

Државниот врв со став - Македонија ги заврши работите, очекува реален извештај и поддршка за Резолуцијата за посебноста на македонскиот јазик и идентитет.

Претседателката Гордана Сиљановска- Давкова изрази очекување за поддршка на предлозите кои „ги гарантираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, бидејќи во спротивно тоа „ќе зборува многу лошо за демократскиот капацитет на Европскиот парламент“.

„Искрено, не очекував во 21 век во Европскиот парламент да прочитам или да чујам некои амандмани, замислете во 21 век да оспорувате нечиј идентитет. Тоа е непознат феномен, особено што седите во институција која е дел од ЕУ во чии основни, конститутивни документи како Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаменталните права, се гарантира почитувањето на националниот и културниот идентитет, на човековиот дигнитет и интегритет. Тоа е нешто шокантно“, нагласи Сиљановска- Давкова.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, оцени дека е значајно што во Извештајот првпат се споменува посебен македонски идентитет, со што, според него, Европа има шанса да ја исправи историска неправда и да наведе дека ние имаме македонски идентитет и посебен македонски јазик.

Тој истакна дека предлозите на некои бугарски европратеници во Извештајот пред македонскиот идентитет да стои зборчето „сегашен“, претставува обид да се наметне тезата дека македонска нација е вештачки создадена на корените на бугарската нација.