САД

САД ги дуплираат царините на челик и алуминиум

04.06.2025 09:39

САД ги дуплираат тарифите за увоз на алуминиум и челик. Од 25 проценти, воведуваат 50 насто царини за овие производи. Европската унија се заканува со реципрочни царини доколку пропадне договорот со Вашингтон. По трговските маневри на американскиот претседател, растот на глобалната економија...

САД ги дуплираат царините на челик и алуминиум на 50 насто. Одлуката потпишана од претседателот Трамп стапува во сила веднаш. Целта е вели да се заштити домашната индустрија. Повисоките тарифи за метали стартуваат на истекот од рокот за добивање најдобри понуди од трговските партнери до кои Вашингтон достави писма како пријателски потсетник.

„Трамп беше многу директен кон нашите трговски партнери дека треба да склучат договори со САД. Цврсто верува во царинската агенда и не се плаши да ги користи за да ги заштити нашите индустрии и работници, но сака да види договори по мерка“, изјави Каролин Ливит – портпаролка на Белата куќа.

Во Париз средба меѓу европскиот шеф за трговија Шефчовиќ и американскиот претставник Грир, додека ЕУ и САД во Вашингтон ги продолжуваат трговските разговори. Брисел се закани со забрзани одмазднички мерки доколку пропадне царинскиот договор со САД.

„Нашата позиција не се менува ни приближно. Сакаме позитивна агенда меѓу Европа и САД, бидејќи тоа е во интерес на секоја страна. Исто така, секогаш сме велеле дека ако дискусијата и преговорите не успеат, Европа е способна да има контрамерки и за американските производи и услуги“, изјави Лоран Сен-Мартин – француски министер за трговија.

Доколку не се постигне заемно прифатливо решение мерките на ЕУ ќе стапат во сила на 14 јули, но и порано доколку околностите бараат. Трговската војна на Трамп предизвикува забавување на глобалната економија, а растот се движи кон најслабото темпо од пандемијата на ковид-19, предупреди организацијата за економска соработка и развој. Прогнозира дека глобалниот раст од 3,3 насто лани ќе забави на 2,9 проценти во оваа и во следната година, додека американската економија – најголемата во светот – дополнително ќе забави на само 1,5% во 2026 година.

„Нашиот извештај проценува дека во сценарио во кое билатералните тарифи на САД се зголемуваат за дополнителни 10 процентни поени за сите земји во споредбата со правата што се спроведуваат од средината на мај, глобалниот БДП би бил помал за околу 0,3% по две години“, изјави Матијас Корман -генерален секретар на ОЕЦД.

Зголемувањето на царините за челик и алуминиум значително ќе влијаат врз Канада и Мексико како најголеми извозници во САД. Од мерките единствено е изземена Велика Британија, поради тековните трговски преговори.

 

Бојана Крстевски