Скопје

Смет, преполни контејнери и непријатна миризба во Скопје

04.06.2025 17:31

Скопје се гуши во смет. Дел од градоначалниците подготвуваат кривични пријави против раководството на Комунална хигиена, бидејќи подолг временски период немаат одговор од претпријатието за нечистотијата низ главниот град. Граѓаните се револтирани. А сето ѓубре го гледаат и туристите, особено низ центарот како и низ скопската чаршија...

Скопје е полно со ѓубре. Наместо да биде собрано, уште повеќе се таложи. Контејнерите се преполни, а уличните кучиња и мачки го разнесуваат, ширејќи ја и непријатната миризба. Сметот, не само што е закана за здравјето туку и го нагрдува изгледот на централното градско подрачје, каде што се движат голем број граѓани.

Во контејнерите веќе нема место за отпад, па црните вреќи во кои е спакувано ѓубрето се оставени околу нив. Иако од „Комунална хигиена“ велат дека нивните екипи се ажурни и го собираат ѓубрето ги расчистуваат дивите депонии во повеќе скопски општини, сликата во градот покажува поинаку, а граѓаните се револтирани.

Граѓаните реагираат дека иако треба да се собира сметот во одредените денови, два пати во неделата, не се прави тоа. Велат дека се случува не само да се прескокнува еден од тие два дена туку и да не доаѓаат камионите ниту еднаш во неделата, а ѓубрето се таложи. Велат дека редовно ги плаќаат сметките.

Дел од скопските градоначалници бараат законски измени со кои ќе се казнуваат сите оние што не го фрлаат ѓубрето во канти, затоа што владее целосна општествена неодговорност. Неретко прстот го вперуваат и во градската власт.

Првите луѓе на локалната власт се жалат и на недостиг од работници кои треба да се грижат за градската чистота. Инцидентно се случува да бидат организирани и еднонеделни акции за собирање на кабастиот отпад, но очигледно е дека тоа не е решение.

.

Александара Спировска