Регионална конференција

Зачувувањето на природата не е само еколошка должност, туку и стратешки императив на бизнисот

04.06.2025 12:48

На регионалната конференција во земјава експерти и бизнисмени ќе наоѓаат решенија како компаниите да ги проценат ризиците поврзани со природата, да го интегрираат биодиверзитетот во корпоративната стратегија, и да придонесат за реставрација на екосистемите за да изградат отпорност и да обезбедат долгорочно создавање вредност...

Загубата на биодиверзитетот брзо ги поткопува екосистемите кои се од витално значење за храната, водата и економската стабилност – што го прави зачувувањето на природата не само еколошка должност, туку и стратешки императив на бизнисот. Па на регионалната конференција во земјава експерти и бизнисмени ќе наоѓаат решенија како компаниите да ги проценат ризиците поврзани со природата, да го интегрираат биодиверзитетот во корпоративната стратегија, и да придонесат за реставрација на екосистемите за да изградат отпорност и да обезбедат долгорочно создавање вредност.

„Во последните 50 години бројот на видовите (флора и фауна) во светот се намалил за 73 насто. Сакам да се потсетите кога последен пат сте виделе јато птици или стадо на антилопи. Затоа обновливите енергии ни се неопходни зашто зачувувањето на природата е важно. Зборувам за енергетската транзиција, за инвестициите во соларните електрани и во енергијата од ветерот. На глобално ниво, во последните пет години енергијата од сончеви извори е зголемена за 95 насто“, вели Себастијан Данет.

Од Европската банка со потврда за поддршката да се зачува биодиверзитетот без да се наруши конкурентноста на компаниите.

„Нашата работа е да работиме со партнерите, да го зголемиме капацитетот на инфраструктурата и на производството и да се помогне да ги вклучуваат најдобрите меѓународни практики. Со тоа македонските партнери ќе можат повеќе да извезуваат, помалку да увезуваат и да отвораат нови работни места“, нагласува Фатих Туркменоглу.

Претставниците на компаниите се задоволни заради опфатеноста на целиот Западен Балкан.

„Одговорните компании мора да ја преземат на себе грижата за воспоставување рамнотежа помеѓу бизнисот, луѓето и планетата. Македонските компании прават напори да се одржи овој баланс и да се конкурентни на пазарот адаптирајќи се на предизвиците“, нагласува Живко Мукаетов.

Конференцијата, согласни се учесниците, е многу повеќе од настан. Таа е катализатор на продуктивна соработка и долгорочен импакт.

Фиљана Кока