Можен консензус за Изборниот законик?
Дали е можен консензус меѓу парламентарните партии за измени во Изборниот законик, за независните кандидатури, по одлуката на Уставен да се укине одредбата за праг од еден насто. Декларативно, сите сметаат дека треба да се постигне договор, но според европските стандарди и препораките на ОБСЕ, шест месеци пред избори не се препорачува измени на регулативата…

Политичките партии во Македонија го поддржуваат предлогот за една, наместо шест изборни единици, но секоја партија, смета дека потребна е дебата пред конечна одлука.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја поддржуваат ваквата промена и дополнување на Изборниот законик, под услов, да гласа и дијаспората. Од владејачката партија апелираат, вратите за договор и дебата се отворени, додека од СДСМ, пак, изразуваат подготвеност за разговори.
При секоја потенцијална промена на Изборниот законик и реорганизација на изборните единици, треба да се внимава за да нема етнички реперкусии, велат од коалицискиот партнер во владата, ВРЕДИ. Додаваат дека тие, во моментов, го градат заедничкиот став по ова прашање.
И ДУИ поддржува измени во Изборниот законик, со цел формирање една изборна единица. Тие се залагаат и за отворени листи, со изборен праг од 3 до 5 проценти. И од партијата Демократски сили на Ромите, се согласуваат со идејата за една изборна единица. Информираат и дека на претстојните парламентарни избори, повторно ќе коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ.
Иницијативата за измени во Изборниот законик ја поднесе Демократскиот сојуз и Либерално-демократската партија, со цел, како што велат, унапредување на демократијата.
Марија Котовска
