ДУИ поднесе интерпелација за работата на претседателот на Уставен суд, Костадиновски
Целта не е да се изврши притисок, туку да се покаже дека, според интегративците, првиот човек на Уставен свесно манипулира со Законот за употреба на јазиците, кој е на сила. Од ДУИ обвинија дека Костадиновски имал предрасуди за албанскиот јазик и давал навредливи изјави.

ДУИ поднесе интерпелација за работата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Целта не е да се изврши притисок, туку да се покаже дека, според интегративците, првиот човек на Уставен свесно манипулира со Законот за употреба на јазиците, кој е на сила. Од ДУИ обвинија дека Костадиновски имал предрасуди за албанскиот јазик и давал навредливи изјави.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски останува на ставот дека нема да коментира политички изјави и постапки. Во врска со можноста за интерпелација, од судот го повторија ставот од пред два ипол месеци. Нема никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од законодавната, ниту од извршната власт, а како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, не подлежи на начелото на поделба на власта. Се посочува дека Уставот не му дозволува на Собранието со законски решенија на кој било начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии.
„Институтот „интерпелација“ предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата таканаречена уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд“, реагираат од судот.
Уставен суд ја откажа подготвителната седница за Законот за јазиците закажана за 19 јуни, по одлуката на Управниот суд да ја поништи одлуката за избор на судијката Елизабета Дуковска, која беше известител на предметот. На подготвителната седница се донесе заклучок дека постапувањето по предметот, Уставниот суд треба да биде во полн состав.
Милчо Велески
