Тенис Синсинати – Мастерс 1000

Федерер – Мареј финале пред финале!

15.08.2014 13:21

Проклетството на Ѓоковиќ кој победувал на сите турнири од оваа категорија, освен во Охајо, продолжи со поразот од Робредо...

Се намалува конкуренцијата на седмиот сезонски мастерс од серијата 1000, но четвртфиналните двојки сепак најавуваат интересна завршница во Синсинати. По елиминацијата на Ѓоковиќ и неиграњето на Надал, финале пред финале е четвртфиналниот меч меѓу Федерер и Мареј. Британецот е еден од ретките тенисери кој има позитивен ефект против Федекс, 11:10, но Швајцарецот беше подобар сезонава и тоа на Австралија Опен.  Мареј е двоен шампион, Федерер е рекордер со пет трофеи.

Проклетството на Ѓоковиќ кој победувал на сите турнири од оваа категорија, освен во Охајо, продолжи со поразот од Робредо. Шпанецот само вторпат славеше во осумте дуели со Србинот и тоа по пауза од шест години и против сонародникот Ферер ќе се обиде третпат да се пласира во полуфиналето на овој турнир. Ферер има 7:2 против Робредо, но никогаш не го минал четвртфиналето во Синсинати.

Откако против Чилиќ го загуби првиот сет, во следните два Вавринка загуби само еден гем и најави дека е подготвен да го надмине полуфиналето од пред две години. Швајцарецот е 37 места подоброрангиран од денешниот противник Бенето, но не  е апсолутен фаворит затоа што беше поразен во две од трите меѓусебни пресметки. Овој дуел е дел од програмата на МРТ собранискиот сервис од 17 часот.

Раониќ годинава петтипат е во мастерс четвртфинале и за конечно да влезе меѓу најдобрите ќе треба да го совлада Фоњини како и лани во единствениот меѓусебен дуел  и тоа во Дејвис купот. За Италијанецот ова  е најголем успех во четирите настапи во Синсинати.