Русија изврши жестоки напади врз Харков
Путин на линија со Трамп, најавил одмазда за украинското уништување на руските бази. Обвини дека Киев се претвора во терористичка организација и дека за украинските власти крајот на војната значи губење на власта...

Русија изврши жестоки напади врз Харков, со десетици повредени, а Москва обвини дека над 120 илјади во Херсон останале без струја и вода по украинско гранатирање на трафостаница. Путин на линија со Трамп, најавил одмазда за украинското уништување на руските бази. Обвини дека Киев се претвора во терористичка организација и дека за украинските власти крајот на војната значи губење на власта. Го информирал и папата дека Украина го ескалира конфликтот.
„Нелегитимниот режим во Киев постепено се претвори во терористичка организација, а неговите спонзори стануваат соучесници на терористите. Одбивањето на хуманитарното примирје од 2-3 дена не нè изненадува, само нè убедува дека на сегашниот киевски режим не му е потребен мир, мирот за нив значи губење на власта кои ја сметаат поважна од мирот и човечките животи“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.
За Киев руските услови за крај на војната се ултиматуми. Зеленски предложи прекин на огнот додека не се одржи средба лице в лице со Путин. Вели – Русија мора да ги почувствува последиците од војната за да се принуди на мир.
„Подготвуваме одлуки за поддршка на заедничкото одбранбено производство со нашите сојузници за долгорочна безбедност. Ова се нашите гаранции – европски гаранции за сите – дека руската агресија нема да се прошири и нема да биде наградена. Русија навистина мора да почувствува дека војната носи повеќе загуби отколку мир. И токму затоа се потребни санкции“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Во Брисел се одржа состанок на Рамштајн групата за одбрана на Украина. Генералниот секретар на НАТО истакна дека САД остануваат целосно посветени на алијансата и на поддршката за Украина. Во Пјонгјанг, севернокорејскиот лидер се сретна со рускиот безбедносен претставник Шојгу.
