воен конфликт

Прекин на војната во Украина ниту на повидок

05.06.2025 09:38

Мир во Украина ни на повидок. Војната ескалира додека двете страни се напаѓаат и обвинуваат за жртви и повредени. За Киев, руските услови за крај на војната се ултиматуми. Предлага прекин на огнот додека не се одржи средба лице в лице со Путин. Зеленски ги истакна напорите за обезбедување трајна европска поддршка за завршување на војната …

Мир во Украина ни на повидок. Војната ескалира додека двете страни се напаѓаат и обвинуваат за жртви и повредени. За Киев, руските услови за крај на војната се ултиматуми. Предлага прекин на огнот додека не се одржи средба лице в лице со Путин. Зеленски ги истакна напорите за обезбедување трајна европска поддршка за завршување на војната.

„Подготвуваме одлуки за поддршка на заедничкото одбранбено производство со нашите сојузници за долгорочна безбедност. Ова се нашите гаранции – европски гаранции за сите – дека руската агресија нема да се прошири и нема да биде наградена. Русија навистина мора да почувствува дека војната носи повеќе загуби отколку мир. И токму затоа се потребни санкции“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Путин на линија со Трамп, најави одмазда за украинското уништување на руските бази. Го информирал и папата дека Украина го ескалира конфликтот. Киев се претвора во терористичка организација, крајот на војната за украинските власти значи губење на власта-обвини Путин.

„Нелегитимниот режим во Киев постепено се претвори во терористичка организација, а неговите спонзори стануваат соучесници на терористите. Одбивањето на хуманитарното примирје од 2-3 дена не нè изненадува, само нè убедува дека на сегашниот киевски режим не му е потребен мир, мирот за нив значи губење на власта кои ја сметаат поважна од мирот и човечките животи“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Брисел подготвен да воведе сакнкции за Москва паралелно со САД доколку Путин не седне на преговарачка маса-изјави шефицата на европската комисија Фон дер Лајен. Наспроти руската агресија, Европа фокусирана на одбраната. Во седиштето на НАТО разговори за приоритетното зајакнување и зголемување на трошоците пред јунскиот самит во Хаг.

„За да се подготвите за војна, трошете повеќе, а кога сте навистина подготвени за војна, нема да бидете нападнати. Тоа ќе биде значителна дополнителна инвестиција и затоа верувам дека во Хаг ќе одлучиме за многу повисока цел за трошење за сите земји во НАТО, бидејќи мора да инвестираме во одбраната“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

„За да бидете сојуз, мора да бидете повеќе од знамиња. Мора да бидете формации. Мора да бидете повеќе од конференции. Треба да бидете борбено подготвени. Тука сме да ја продолжиме работата што ја започна Трамп, а тоа е посветеност на 5% од трошоците за одбрана во целата алијанса, што мислам дека мора да се случи до Самитот во Хаг. Тоа е нашиот фокус“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.

Истовремено во Пјонгјанг, севернокорејскиот лидер се сретна со рускиот безбедносен претставник Шојгу. Ким Јонг Ун вети безусловна поддршка за Русија.

Бојана Крстевски