Војната во Украина ескалира додека двете страни се напаѓаат и обвинуваат за жртви и повредени
Војната во Украина ескалира – жестоки напади на двете страни. Руските услови за крај на војната се ултиматуми-вели Зеленски. Киев не сака мир зошто ќе ја загуби власта – обвини Путин. Москва најави одмазда за уништените руски бази. Наспроти руската агресија, Европа фокусирана на одбраната. Во седиштето на НАТО последни подготовки за зајакнувањето и трошоците пред јунскиот самит во Хаг. Северна Кореја со безусловна поддршка за Русија...

Мир во Украина ни на повидок. Војната ескалира, двете страни со напади и обвинувања за жртви и повредени. Русија удри со „шахеди“ по Харков, Украина во окупираниот од русите Херсон. Москва јавува за масовен прекин на струјата. Штети пријавува и Киев.
„Се слушна експлозија, потоа втората ја погоди куќата. Веднаш избувна пожар. Гасоводот беше оштетен, искинати беа и електричните жици“, изјави жителка на Сумската област.
Руските услови за крај на војната се ултиматуми-вели Зеленски, кој предлага прекин на огнот до средба лице в лице со Путин. Ги истакна напорите за обезбедување трајна европска поддршка за завршување на војната.
„Ова се нашите гаранции – европски гаранции за сите – дека руската агресија нема да се прошири и нема да биде наградена. Русија навистина мора да почувствува дека војната носи повеќе загуби отколку мир. И токму затоа се потребни санкции“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Путин на линија со Трамп. Најави одмазда за украинското уништување на руските бази. Го информирал и папата дека Украина го ескалира конфликтот. Киев се претвора во терористичка организација, крајот на војната за нив, е губење на власта-обвини Путин.
„Нелегитимниот режим во Киев постепено се претвори во терористичка организација, а неговите спонзори соучесници на терористите. Одбивањето на примирјето од 2-3 дена не нè изненадува, само нè убедува дека на сегашниот киевски режим не му е потребен мир, за нив тоа значи губење на власта која им е поважна од мирот и човечките животи“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Наспроти руската агресија, Европа фокусирана на одбраната. Во седиштето на НАТО разговори за приоритетното зајакнување и зголемување на трошоците пред јунскиот самит во Хаг.
„За да се подготвите за војна, трошете повеќе, а кога сте навистина подготвени за војна, нема да бидете нападнати. Затоа верувам дека во Хаг ќе одлучиме за многу повисока цел за трошење за сите земји во НАТО, бидејќи мора да инвестираме во одбраната“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
„За да бидете сојуз, мора да бидете повеќе од знамиња. Мора да бидете формации. Мора да бидете повеќе од конференции. Треба да бидете борбено подготвени, а тоа е посветеност на 5% од трошоците за одбрана во целата алијанса, што мислам дека мора да се случи до самитот во Хаг“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
Истоврмено во Пјонгјанг, севернокорејскиот лидер се сретна со рускиот безбедносен претставник Шојгу. Ким Јонг Ун вети безусловна поддршка за Русија.
Бојана Крстевски
