Евроинтеграции

Бугарија нема да отстапи од своите услови кон Македонија

05.06.2025 15:13

Обврските од преговарачката рамка треба да се исполнат. Бугарија нема и не може да има дополнителни услови за Македонија за членство во Европската унија. Вака одговара шефот на бугарската дипломатија Георгиев на загриженоста од Скопје дека ако Македонија го промени Уставот, Бугарија може да постави нови барања. За поранешни македонски допломати, одложувањето на гласањето за извештајот за напредокот на Македонија е дополнително време за изнаоѓање заедничко решение.

Бугарија нема да отстапи од своите услови кон Македонија на евроинтегративниот пат за целосно спроведување на Францускиот предлог. Шефот на бугарската дипломатија тврди дека нема дополнителни услови и барања во пристапувањето на Македонија во Европската унија. Георгиев потенцира дека членството во ЕУ не е дадено, туку се базира на одредени критериуми што секоја земја-кандидат мора да ги исполни, а Бугарија строго се придржува до своите обврски.

„Важна компонента на одлуката што ја донесе Националното собрание е дека немаме и не можеме да имаме дополнителни услови и барања во врска со пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија. Верувам дека ова е јасен и доволен сигнал за нашата доследност, потврда на пораките што отсекогаш сме ги испраќале. Верувам дека со ова, од највисоката државна позиција во Бугарија, одговараме на таканаречените загрижености на нашите партнери надвор од западната граница, кои сте ги слушнале повеќепати, дека ако го променат својот Устав, Бугарија може да наметне дополнителни услови. Ова не било, не е и нема да биде случај“, вели шефот на бугарската дипломатија, Георгиев.

По одложување на гласањето за извештајот за напредокот на Македонија, а по барање на известителот Вајц, поранешни амбасадори со оценка дека тоа е голема победа на македонската дипломатија. Поранешниот амбасадор Филипов за МТВ вели дека ова им одговара и на Скопје и на Софија, бидејќи се добива дополнително време да се најде решение во интерес и на двете страни.

Прво уставни измени, па отворање на кластерите, порака од Брисел. Еврокомесарката за проширување Марта Кос деновиве порача дека е подготвена да посредува во изнаоѓање решение за отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија. Македонските власти ги отфрлија намерите на бугарски европратеници во извештајот да бидеме претставени како нова вештачка нација. Сега е шансата конечно Европа да ја исправи неправдата, порача премиерот Мицкоски.

Милчо Велески