Локални избори

Засега ниту една жена меѓу кандидатите за градоначалник

05.06.2025 17:11

Партиите ги соопштија дел од кандидатите за градоначалници, меѓу досегашните предлози не се најде ниту една жена. Нема жени ниту меѓу спомнатите имиња за можен претендент за прв човек во Градот Скопје...

Партиите ги соопштија дел од кандидатите за градоначалници, меѓу досегашните предлози не се најде ниту една жена. Нема жени ниту меѓу спомнатите имиња за можен претендент за прв човек во Градот Скопје, но од владејачката ВМРО-ДПМНЕ уверуваат дека ќе има кандидати од понежниот пол.

Социјалдемократите најдоцна за три недели ќе ги објават партиските кандидати. И во опозициската партија ќе има неколку кандидати-жени. Засега СДСМ не открива имиња.

Во скопската општина Шуто Оризари неприкосновени кандидати за градоначалничката функција биле и остануваат мажите, а во советничките листи ќе преовладуваат жени.

Од коалицијата „Вреди“ пак, велат дека досега се обезбедува најголема поддршка за жените преку Оперативниот план за вработување.

Согласно со Законот за советничките листи, 50 проценти треба да бидат жени. Додека за локалните избори, не постојат квоти за кандидати за градоначалници.

Викторија Милевска