Приватните автобуси ќе возат до понеделник, ЈСП не им го исплати целосниот долг
200 приватни автобуси ќе се вратат на улиците во главниот град, но само до понеделник. ЈСП не им ги исплатил во целост парите кои им ги должи. Во пресрет на празникот Духовден, кога фреквенцијата ќе биде зголемена, граѓаните во неизвесност дали ќе има автобуси. Информација за промена на возниот ред нема на интернет страницата на ЈСП ниту денеска...

По два дена редуциран градски превоз во метрополата - приватните автобуси се вратија на скопските улици, но до понеделник. ЈСП им исплати минимален дел од долгот, со парите ќе можат да ги подмират трошоците за нафта до почеток на идната недела. Доколку претпријатието не им исплати поголем дел од долгот, приватните превозници повторно ќе ги паркираат автобусите.
Граѓаните велат дека автобусите се редуцирани и не дошле иако според возниот ред би требало да сообраќаат.
„Со 55-ка дојдов до тука, а тие се само приватни“.
„Само 45-ка видов дека помина, но јас чекам 52-ка и нема. Чекам долго време, пола час чекам, 45 минути“.
„Нема ни државни, ни приватни автобуси, тоа е голем срам и понижување на овој народ“.
„Јас не приметив дека има, дали ги пуштиле не знам“.
Според приватните превозници – од утрово сообраќаат 80 проценти од нивните автобуси, а преостанатите ќе се вклучат попладнево, бидејќи сè уште на сметките не им легнале парите од ЈСП. Се надеваат дека во понеделник парите кои градот ги префрли на ЈСП во износ од 40 милиони денари ќе легнат на нивните сметки.
„Пуштени се малку пари за нафта колку да не останат граѓаните без јавен превоз да може вака да функционираме до понеделник. На сите линии се вратени автобусите, некои уште чекаат да им бидат легнати парите бидејќи се префрлени денеска. 80 проценти се вратени на линиите“, изјави Влатко Тодоровски, приватен превозник.
Проблемот со исплатата кон приватните превозници се провлекува неколку години, често се повлекуваа од сообраќај.
Нередовната исплата кон приватните превозници, изминатите денови го редуцираше градскиот превоз во метрополата. Цената ја плаќаа граѓаните, со часови чекајќи на автобуските постојки. Долгот на ЈСП кон трите фирми кои ги опслужуваат приватните линии достигнал речиси 150 милиони денари.
Андријана Ѓурческа
