Обвинувања за истрагата во Кочани
Актуелниот министер Шабан Салиу, кој како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување е опфатен со истрагата на обвинителството за кочанската дискотека не чувствува никаква вина за трагедијата. Опозициската СДСМ обвинува дека власта ги штити одговорните за пожарот. ВМРО-ДПМНЕ вели-во овој случај се опфатени најголем број сегашни и поранешни функционери.

Власта се обидува да ги заштити и оние кои биле должни да ја затворат дискотеката која кобната вечер работела без никаков документ во целост надвор од законските рамки и прописи – велат во социјалдемократскиот сојуз. Сметаат дека по трагедијата во дискотеката со 62 загинати и над 200 повредени Кочани не е приоритет за владата.
Обвинувањата на СДСМ без докази е политичко мешање во правосудството велат во ВМРО-ДПМНЕ. Институциите темелно постапуваат по трагедијата во Кочани.
„За трагичниот настан во Кочани во истражни постапки се опфатени најголем број актуелни и поранешни функционери, а некои сè уште се во притвор. СДСМ наместо да ја злоупотребува трагедијата во Кочани, нека одговори, дали и зошто Филипче е изземен и не одговара за модуларната болница?“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Актуелниот министер и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, кој е дел од истрагата на Обвинителството, вели дека не чувствува никаква одговорност за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.
За пожарот во „Пулс“ осомничени се 46 лица, актуелни и поранешни фунционери, градоначалници, лица од обезбедувањето на дискотеката и полицајци.
Миле А.Ристески
