Оригиналната идеја му донесе бизарна дисквалификација

15.08.2014 13:56

На Европското првенство во Цирих тој прв мина низ целта на трката 3000 метри со пречки, но наместо “хет - трик“ на континенталните шампионати, направи глупост по која беше дисквалификуван...

Французинот Махедин Мекиси – Бенабад е меѓу најспоменуваните спортисти на планетата во изминатите 24 часа. На Европското првенство во Цирих тој прв мина низ целта на трката 3000 метри со пречки, но наместо “хет - трик“ на континенталните шампионати, направи глупост по која беше дисквалификуван. Причина за тоа е соблекувањето на дресот кој потоа го стави во уста и мафташе со него кон публиката, во моментите кога мина низ целта со секунда и 36 стотинки пред сонародникот Ковал. За таквиот однос му беше покажан жолт картон од еден од судиите, а по завршување на трката следуваше приговор од таборот на шпанската репрезентација, чиј атлетичар Анхел Мулера беше четвртопласиран. Победникот Мекиси – Бенабад беше експресно дисквалификуван а Мулера заработи бронзен медал. Најмногу профитира Јоан Ковал кој е промовиран во нов европски првак, а Појлакот Кристиан Залевски го освои сребрениот медал.

Инаку, Махедин Мекиси – Бенабад е меѓу најдобрите во популарниот “стиплчез“ во последните десетина години. Покрај тоа што е носител на два златни медала на европските првенства, истовремено е и двоен олимписки вицешампион, како и носител на две бронзи од последните два светски шампионати.  Од друга страна, и овојпат ја покажа негативната страна на својот карактер, затоа што демонстрира насилство кон маскотата за време на ЕП во Хелсинки 2012 година, а една година претходно физички го нападна сонародникот Мехди Бала за време на митингот од “Дијамантската лига“ во Монако, по што заработи петмесечна суспензија.