ООН предупредува за хуманитарната состојба во Газа
Тел Авив претходно предупреди дека цели на осум згради на четири локации. Во меѓувреме од Обединетите нации предупредуваат дека по 80 дена блокада, населението на Газа и натаму гладува...

Израелската војска нападна неколку локации во јужните предградија на Бејрут, за кои тврди дека имало подземни објекти што ги користел Хезболах за производство на дронови. Тел Авив претходно предупреди дека цели на осум згради на четири локации. Во меѓувреме од Обединетите нации предупредуваат дека по 80 дена блокада, населението на Газа и натаму гладува.
„90% од семејствата во Газа немаат пари потребни за да купат малку храна што останува достапна на пазарите. Месото, млечните производи, зеленчукот и овошјето речиси и да не се во секојдневната исхрана на луѓето, а јајцата повторно исчезнаа од тезгите на пазарот“, изјави Стефан Дујариќ, портпарол на Обединетите нации.
Од обновената ескалација на непријателствата во март, израелската војска издаде 35 наредби за раселување. Половина од општинските кујни во Газа сега се принудени да престанат да готват поради недостаток на залихи или поради наредби за раселување.
Израелскиот премиер Нетанјаху потврди дека неговата влада ги вооружува палестинските кланови во Газа за да се спротивстават на Хамас.
