59-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“
Девет претстави во официјална селекција, четири во независната програма и една во придружната се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе трае до 13 јуни под мотото „Смеј се и осмели се“...

Денеска, во 20 часот, во големата сала на Центарот за културата „Марко Цепенков“, во Прилеп ќе биде отворено 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, со претставата „12“, во режија на Синиша Евтимов, на Македонскиот народен театар, . Девет претстави во официјална селекција, четири во независната програма и една во придружната се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе трае до 13 јуни под мотото „Смеј се и осмели се“.
За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.
На програмата повторно ќе бидат детската зона, промоции на книги, разговори на тркалезна маса. Наместо досегашната платформа „Автор во фокус“ во која се славеше опусот на еден значаен автор за македонскиот театар, годинава ќе биде ставен фокусот на тројца мошне значајни театарски дејци од Прилеп. Тоа се: актерот и долгогодишен директор на нашиот фестивал Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески Платнар. Новина е програмата „Драмолетање“, односно пичинг-форумот на кој неколкумина драмски автори ќе ги претстават своите дела. На тој начин фестивалот се труди да го поттикне домашното драмско творештво, но и поставување на истото на театарските сцени. Фестивалот ќе биде затворен со „Вистината“ на Театар Комедија.
