Украина

Крај на војната во Украина ниту на повидок

06.06.2025 10:43

Прекин на војната во Украина ниту на повидок. Руската војска изврши масовни воздушни напади врз Киев и други украински градови. Властите пријавија загинати и повредени лица. нападот следува по заканата на Путин за украинските гранатирања врз руските воени аеродроми. Москва пак јави за големи украински напади со дронови врз цели во земјата.

Дипломатските напори за запирање на воените дејствија во Украина не донесоа значаен напредок. Размената на оган продолжува со несмалено темпо. Жртви и повредени во руски ракетен и беспилотен напад во Киев, сирените за опасност активирани и во други региони. Експлозии, пожари и сериозни безбедносни нарушувања во воздушниот сообраќај во неколку региони во Русија.

„Имаше многугласна експлозија. Слушнав се и искрено, целиот мој живот ми светна пред очите. Почнав да добивам напад на паника, искрено, страдав од нив на почетокот на војната и сега повторно почнаа“, изјави жителка на Киев.

„Се чувствуваме малку исплашени бидејќи е многу бучно, поради ракетите, поради Шахедите кои летаат како пчели. Верувам во мир, но на силен начин со партнерите и украинската страна. Можеби Зеленски ќе го стори тоа, но како што гледате, тоа нема да се случи наскоро бидејќи партнерите, Трамп, другите лидери само зборуваат“, изјави жител на Киев.

По интензивните гранатирања и големиот број цивилни жртви, Зеленски одново повика на силни чекори од партнерите.

„Светот, за жал, им дозволува да го прават ова. И затоа ни се потребни нови и доволни санкции, пред сè од Соединетите Американски Држави. Сметаме на силни чекори. Тоа е она што е во недостиг во моментов“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Американскиот претседател Трамп на средбата со германскиот канцелар истакна дека можеби е подобро да се остават Украина и Русија да се борат уште некое време.

„Понекогаш гледате две мали деца како се тепаат како луди. Тие се мразат едни со други и се тепаат во парк и се обидувате да ги разделите. Понекогаш е подобро да ги оставите да се борат некое време, а потоа да ги разделите“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Мерц во интервју за „Фокс Њуз“ вели дека поддршката за Киев продолжува, со крајна цел војната да заврши.

„Украина мора да биде силна. И тоа е причината зошто даваме воена, финансиска, политичка поддршка. И ова е нешто што би сакале да продолжи сè додека е потребно. Но, повторно, нашата заедничка цел е да ја завршиме оваа ужасна војна“, изјави Фридрих Мерц, канцелар, Германија.

Откако изминатата недела Украина изврши масовен напад врз руска инфраструктура, од Кремљ порачаа дека Русија ќе одговори кога и како и одговара, обвинувајќи го Киев за тероризам. Москва потврди дека во телефонски разговор Путин му рекол на американскиот претседател Трамп дека ќе има одмазда.

 

Маријана Димовска