Дипломатските напори не донесоа значаен напредок за запирање на војната во Украина
Прекин на војната во Украина ниту на повидок. Масовни воздушни напади врз Киев и други украински градови. Русија извести за пресретнати беспилотни летала и оштетена цивилна инфраструктура. Ескалацијата на тензиите следува откако Путин се закани дека ќе возврати за украинските гранатирања врз руските воени аеродроми.

Дипломатските напори за запирање на воените дејствија во Украина не донесоа значаен напредок. Размената на оган продолжува со несмалено темпо. Жртви и повредени во руски ракетен и беспилотен напад во Киев, сирените за опасност активирани и во други региони. Оштетена е електричната мрежа, во прекин се железнички линии.
„Имаше многугласна експлозија. Слушнав се и искрено, целиот мој живот ми светна пред очите. Почнав да добивам напад на паника, искрено, страдав од нив на почетокот на војната и сега повторно почнаа“, изјави жителка на Киев
„Се чувствуваме малку исплашени бидејќи е многу бучно, поради ракетите, поради Шахедите кои летаат како пчели. Верувам во мир, но на силен начин со партнерите и украинската страна“, изјави жител на Киев
Експлозии, пожари и сериозни безбедносни нарушувања во воздушниот сообраќај во неколку региони во Русија, отворена истрага за напади во Курската област.
„Украинските војници продолжуваат да напаѓаат цивили во Курската област. Воените истражители ги евидентираа последиците од инцидентот, на местото на настанот беа пронајдени фрагменти од ракети од чешкиот повеќекратен ракетен систем „Вампир“. Се утврдува висината на предизвиканата штета и претставниците на украинските вооружени формации вклучени во ова злосторство“, изјави Светлана Петренко, портпаролка на Истражниот комитет на Русија.
По интензивните гранатирања и големиот број цивилни жртви, Зеленски одново повика на конкретни чекори од партнерите.
„Светот, за жал, им дозволува да го прават ова. И затоа ни се потребни нови и доволни санкции, пред сè од Соединетите Американски Држави. Сметаме на силни чекори. Тоа е она што е во недостиг во моментов“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Американскиот претседател Трамп на средбата со германскиот канцелар истакна дека можеби е подобро да се остават Украина и Русија да се борат уште некое време.
„Понекогаш гледате две мали деца како се тепаат како луди. Тие се мразат едни со други и се тепаат во парк и се обидувате да ги разделите. Понекогаш е подобро да ги оставите да се борат некое време, а потоа да ги разделите“, рече Доналд Трамп, претседател на САД.
Откако изминатата недела Украина изврши масовен напад врз руска инфраструктура, од Кремљ порачаа дека Русија ќе одговори кога и како и одговара, обвинувајќи го Киев за тероризам.
Маријана Димовска
