Белград

Пуштени дома последните двајца пациенти од трагедијата во Кочани што се лекуваа во Србија

06.06.2025 16:09

Во организација на македонската амбасада во Белград и амбасадорот Никола Тупанчески и медицинскиот тим од Клиничкиот центар во Белград, Андреј Георгиев од Кочани и Ангела Бошковска од Скопје по 83 дена лекување беа пуштени дома...

Заврши лекувањето на повредените од Кочани што се лекуваа во Србија. Од Клиничкиот центар на Србија денес се враќаат дома последните двајца пациенти. Во организација на македонската амбасада во Белград и амбасадорот Никола Тупанчески и медицинскиот тим од Клиничкиот центар во Белград, Андреј Георгиев од Кочани и Ангела Бошковска од Скопје по 83 дена лекување беа пуштени дома.

Во Р. Србија се лекуваа вкупно 30 повредени пациенти, од кои во Клиничкиот центар во Белград беа 17 повредени, на ВМА се лекуваа 10 тешко повредени лица и во Ургентниот центар во Ниш се лекуваа тројца пациенти.

„Во Клиничкиот центар на Србија лекувани се 17 пациенти, од кои 5-мина беа интубирани на механичка вентилација. Сите пациенти преживеаа, што е најбитно, отпуштени се дома, сите беа во тешка општа состојба, со инхалациони повреди и благодарејќи на вработените од Ургентен центар, имаме добри вести. Ова е уште еден чин на добрососедски односи меѓу Србија и Северна Македонија и цело време имавме голема поддршка од министерот за здравство Златибор Лончар и од македонската амбасада“, изјави проф. Милан Стојчиќ, директор на Клиника за пластична хирургија на КЦ Србија.

Српската Влада и граѓаните уште првиот ден по несреќата во Кочани испратија помош, беше прогласен ден на жалост, донираше медицинска помош и крв, беа лекувани и дадена е логистичка и парична помош за роднините на повредените што се лекуваа во Србија, за што беше истакната голема благодарност од Македонија од амбасадорот Никола Тупанчески.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за Србија