Македонија

Топлото време ги зголеми повиците кон итната медицинска помош

06.06.2025 17:24

За едно деноноќие шест колапси и осум сообраќајни несреќи. Поради високите температури итната медицинска помош со зголемен број интервенции. Од УХМР велат продолжува сончевото и топло време. Попладне облачно со пороен дожд и грмежи. Во понеделник благо намалување на температурата…

Шестмина скопјани колабирале на жешкиот асфалт, за едно деноноќие брзата помош интервенирала и кај осум сообраќајни несреќи кај патници кои завршиле со повреди. Топлото време ги зголеми итните повици кон службата. Концентрацијата на возачите е намалена, а лекарите велат не се внимава ниту на правилното користење на клима-уредите. Дел од граѓаните колабирале на автобуски постојки, на пазар, но и во маркетите.

„Во маркетите веќе почнува да се пуштаат климите, температурните разлики надвор на жешко, па нагло се влегува во ладна просторија. Или ако подолго време престојувале во ладна просторија, па излегуваат нагло на топло време, тоа е момент во кој немаме акомодација на телото на тие нагли промени на температурите заради тоа се случуваат и колапсите. Кај сообраќајките намалена е концентрацијата, но повторно имаме момент со климатизирани возила“, вели д-р Александра Пејковска – Итна медицинска помош.

Топлото време проблем им создава и на хронично болните. Лекарите советуваат редовно да ја земаат терапијата. Високите температури ќе продолжат и викендов.

„И во деновите од викендот ќе се задржи сончево и многу топло време со дневни температури кои ќе бидат во интервал од 29, па сè до 38 степени. Во недела очекуваме најтопол дел ден. Но, од друга страна имаме зголемена влага во атмосферата од медитеранот“, вели Јулијана Мишкоска-Фиданоска, УХМР.

Да се остане дома од 11 до 17 часот кога е најтопло. Многу течности, лесна храна и соодветна облека се дел од советите на лекарите.

Граѓаните ќе можат да здивнат дури во понеделник за кога метеоролозите најавуваат пониска температура. Дотогаш, лекарите предупредуваат да се почитуваат препораките за заштита од топлото време.

Андријана Ѓурческа