Македонија

Куманово: Пациенти бараат помош поради крлежи

07.06.2025 11:13

Граѓани сè почесто бараат помош поради убоди од крлежи. Во Куманово на неделно ниво регистрираат и до пет случаи. Мал е бројот на општини, коишто редовно спроведуваат дезинсекција и дератизација, велат од специјализираните компании...

Зголемен број убоди од крлежи регистрира инфективното одделение при кумановската болница. До петмина пациенти неделно бараат помош. Лекарите велат периодов, почнувајќи од мај до крајот на август, очекуваат бројот да е голем. Наизменичните врнежливи и сончеви денови, вегетацијата, си го прават своето.

„Воглавно кај нас доаѓаат за антитетанечна профилакса, која во суштина не треба да се спроведува, доколку крлежот хируршки е отстранет и не е допиран. Во суштина и не смее во домашни услови да се обидуваат пациентите самите да го отстранат“, изјави началничката на Инфективното одделение при Кумановската болница, д-р Валентина Џартовска.

Пациентите вообичаено поминуваат со благи симптоми, но убод од заразен крлеж може да се предизвика и сериозни заболувања.

Препораката на стручните лице е при прошетки во природа, граѓаните да се движат по обележани, уредени патеки. Нозите да бидат покриени и да носат светла облека, на која полесно би се забележал крлежот.

Во Куманово двапати годишно се реализира дезинсекција против крлежи. Од фирмата задолжена за оваа мерка, велат општината е една од ретките во државата, која во неколку наврати спроведува дезинсекција и дератизација.

„Кај нас сите зелени јавни површини се работат на годишно ниво двапати се работи со контактни инсектициди, не оставаме на терен за да не ги изложуваме на опасност домашните миленици го опфаќаме периодот од 20 април да се намали во тој период и кога се повлекуваат околу 20-ти август“, вели Владимир Димковски, сопственик на компанија.

За оваа мерка градот одвојува над еден милион денари. Освен граѓаните, се апелира сопствениците на милениците детално по прошетките да ги проверуваат кучињата.

 

Елена Георгиевска