воен конфликт

Втора ноќ по ред Украина под интензивни руски напади

07.06.2025 12:49

Втора ноќ по ред Украина под интензивни руски напади. Во пламен станбени објекти во Харков, итните служби со полни раце работа, има жртви и повредени. Зеленски бара зголемен притисок кон Москва.Трамп тврди дека ќе воведе дополнителни санкции кон Русија само доколку е потребно …

Војната се разгорува. Со ракети и беспилотни летала, Харков, вториот по големина град во Украина, под најинтензивниот оган од почетокот на конфликтот. Регистрирани жртви и повредени, во пламен станбени згради на неколку локации. На удар и градови на исток и северозапад. Украинските воздухопловни сили тврдат дека собориле руски ловец Су-35.

„Денес е ужасно утро во Харков. Оштетени беа цивилни објекти – станбени згради. Имаше три погодени станбени згради. Во исто време, многу повеќе куќи беа оштетени, поради експлозивниот бран“, изјави Игор Терехов, градоначалник на Харков.

Москва вчера истрела десетици ракети и повеќе од 400 беспилотни летала врз украински региони, вклучително и врз главниот град. Кремљ потврди дека целта е постигната, а нападите се одговор, на како што вели, терористичките напади од Киев. Изминатиот викенд Украина изврши голема акција под името „Пајакова мрежа“ и погоди руска воена инфраструктура. Американскиот претседател вели дека Украина самата ги испровоцирала нападите и му дала причина на Путин да ги бомбардира Украинците. За санкциите против Русија кои ги разгледува американскиот Сенат, Трамп вели дека ќе ги воведе но само доколку е потребно.

„Ако мислам дека Русија нема да склучи договор или нема да го запре крвопролевањето, ќе ги искористам доколку е потребно. Сенаторите имаат закон, тоа ќе зависи од мене, тоа е моја опција. Значи, согласен сум со тоа. Не сум одлучил да ги користам. Тоа е многу силен закон“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Русија ги користи мировните преговори за да ги зголеми нападите, обвинува Зеленски. Украинскиот претседател ги повика меѓународните партнери да извршат притисок врз Москва.

„Дипломатијата мора да функционира, безбедносните гаранции мора да бидат воспоставени, мирот мора да се воспостави, а тоа бара почетни чекори, вклучително и прекин на огнот. Мора да извршиме притисок врз Русија за да се осигуриме дека ова ќе се случи и дека нападите ќе престанат“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Интензитетот на војната изминатите недели ги намали надежите дека страните би можеле да постигнат мировен договор и покрај двете рудни разговори во Истанбул.

 

Маријана Димовска