Македонија

Владата отвора телефонска линија за барањата и потребите на повредените во трагедијата во Кочани

07.06.2025 16:12

Телефонска линија за директна комуникација меѓу канцеларијата на премиерот и повредените во пожарот во Кочани. Ќе биде активна од понеделник. Од Владата велат дека целта е да ги кажат нивните барања и конкретни потреби. Сè уште се бара начин како пациентите да не патуваат во Скопје за третманите со плазма за да не ја изложуваат кожата на сонце...

Нова телефонска линија за комуникација на Владата со повредените во трагедијата во Кочани. Погодените и нивните семејства ќе можат директно да ги изнесат своите барања и потреби. Линијата 070-355-526 ќе биде активна од понеделник, достапна 24 часа, а управувана од кабинетот на премиерот. Од Владата велат, ова е резултат на комуникацијата на работната група која вршеше евалуација на повредените и беше во контакт со нивните најблиски и медицинските тимови. Пристапот ќе биде персонализиран.

„Пациентите и нивните семејства имаат прашања кои се надвор од медицинската грижа а се однесуваат на некое институционално барање кое им е неопходно да го решат, за да го анулираме тоа, да воспоставиме директна комуникација и да можеме да го проследиме барањето до институцијата којашто е надлежна да го реши како пример ќе го дадам случајот со боледувањата, ќе направиме се со цел да ги собереме тие барања и брзо институционално да постапиме“, изјави Марија Митева – портпарол на Владата.

Засега 16 од повредените се третираат со плазма за заздравување на лузните на пластична хирургија и во стара Градска. Надлежните бараат начин како пациентите да не патуваат во Скопје за интервенциите, за да не се изложуваат на сонце.

„За многу скоро од денеска ќе објавиме план како ова ќе се реши. Свесни сме дека постојат вакви состојби каде пациентите и при само изложување на сонце можат да имаат дополнителна потреба од грижа. Ќе најдеме начин како тоа да го изменаџираме да има сè поголема грижа од страна на медицинските тимови кон повредените, а да не треба тие да се изложуваат“, истакна Митева.

По речиси три месеци од трагедијата во Кочани, 12 повредени сè уште се на болничко лекување. Петмина во странство, во Грција, Турција и Словенија, останатите се хоспитализирани во земјава.

Како следен чекор не се исклучува можноста во Кочани да биде отворена канцеларија за директна комуникација со погодените во трагедијата. Се работи и на подобрување на условите во болницата за повредените да не мора за сите интервенции да доаѓаат во Скопје.

Андријана Ѓурческа