туризам

Охрид: Без спасители на вода плажите ќе бидат небезбедни

08.06.2025 14:05

Иако температурата на водата не е идеална, капачката сезона во водите на Охридското езеро веќе започна. Охридскиот Црвен крст ја започна регрутацијата на млади лица кои ќе се обучуваат од 21 јуни за спасители на вода,а тоа звање ќе го добијат само најуспешните.Минатата година само половина од корисниците на плажи имаа ангажирано спасители на вода,додека во Струга само еден концесионер,што значи дека голем број од плажите биле небезбедни...

За разлика од минатите четири години кога интересот за обука на спасители на вода беше минимален, годинава само до овој период се пријавени над 20 млади лица кои ќе ја минат обуката според стандардите на Меѓународната федерација за безбедност на вода. Од Црвениот крст велат дека заедно со обучените лица во изминатиот период бројката на спасители ќе биде доволна за да се задоволат потребите на сите плажи кои се издаваат. Сепак останува проблемот што голем број од корисниците на плажи немаат интерес за нивно ангажирање.

„На охридското крајбрежје имаме околу 36 до 39 капалишта коишто се уредени, коишто се користат од страна на посетители-капачи, а на струшката страна имаме некаде 17 капалишта. Минатата година на охридското крајбрежје 10,12 капалишта ги имаа воспоставено сите услови за безбедно капење, спорт и рекреација, а на струшкиот брег само едно капалиште“, изјави Сашо Точков – претседател на Црвен крст Охрид.

Колку значат спасителите на вода за безбедноста на плажите говори податокот што лани само на 12 плажи имале 18 интервенции на извлекување на давеници и преку илјада интервенции на укажување на прва помош.

„Чуството да се биде спасител на вода и да се спаси човечки живот е неопишливо. Би сакал да пратам апел до сите мои врсници коишто имаат наполнето 17 години да се вклучат во семејството на спасители кое гарантира безбедност на сите капачи на охридското крајбрежје“, изјави Арсениј Ѓоршески, спасител на вода.

Да се има безбедно капалиште не е само морална, туку и законска обврска на корисниците на плажите, бидејќи без спасители на вода доколку нешто се случи одговорноста за тоа паѓа врз нивните плеќи.

Сашо Нелоски