Хаос на улиците во Лос Анџелес, распоредена Националната гарда
Протестите во Лос Анџелес го вклучија алармот во Белата куќа. Американскиот претседател Трамп нареди распоредување на 2 илјади припадници на Националната гарда во Калифорнија поради жестоки судири меѓу демонстрантите и имиграциски власти, предизвикани од апсењата и депортациите. Носењето маски на протестите е забрането – доколку насилството продолжи, не се исклучува ниту употреба на маринци...

Хаос на улиците на Лос Анџелес. Администрацијата на Трамп испрати 2.000 војници на Националната гарда поради жестоки судири меѓу демонстранти и имиграциските власти. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет се закани дека ќе ја распореди војската, вклучително и маринците, доколку продолжи насилството. Шефот на Белата Куќа ги нарече демонстрантите радикална левица, водена од поттикнувачи и платени проблематични луѓе.
„Одлична работа од Националната гарда во Лос Анџелес по два дена насилство, судири и немири. Имаме некомпетентен гувернер и градоначалник. Федералното издавање дозволи е завршено, не беа во можност да се справат со задачата. Овие протести на радикалната левица, од страна на поттикнувачи и честопати платени проблематични луѓе, нема да се толерираат. Исто така, од сега па натаму, нема да се дозволуваат маски да се носат на протестите. Што имаат овие луѓе да кријат и зошто?“, објави Доналд Трамп, претседател на САД.
Демократскиот гувернер на Калифорнија, Гевин Њусом се спротивстави на одлуката и тврди дека само ќе ги зголеми тензиите. Локалните членови на конгресот исто така демократи обвинија дека мигрантите се притворени во подруми без кревети, храна и вода.
„Добивме извештаи дека членовите на нашата заедница кои се имигранти беа притворени и држени во објекти кои не се наменети за задржување на повеќе од 100 луѓе. Добивме извештаи дека биле притворени во подрумот, без кревети, без храна и без вода. Некои од нив биле држени преку ноќ во соби без прозорци“, изјави Џими Гомез, американски конгресмен, демократ од Калифорнија.
„Време е за некаква одговорност. Сето ова што го правите, го правите за да му обезбедите политички театар на претседателот на Соединетите Американски Држави. Овој политички театар мора да престане затоа што ги става во опасност нашите заедници и нашите службеници за спроведување на законот“, изјави Норма Торес, претставник на САД, демократ, Калифорнија.
Тензиите во Лос Анџелес почнаа во петокот откако властите почнаа да спроведуваат имиграциски рации, ги засилија апсењата низ САД и почнаа масовни депортации. Граѓаните излегоа на масовни протести а власти неколку пати пробаа да ја растераат толпата со солзавец.
„Дојдоа облечени во целата своја воена опрема и го запреа сообраќајот. И реков на мојата девојка, тоа е имиграција. Влегуваа во продавниците и почнаа да ги носат луѓето надвор во комбињата. Имам видеоснимка, тоа е нешто што мора да се документира за да не направат дека ние народот сме лошите, дека ние го предизвикавме ова“, изјави Фернандо Делгадо, сведок на протестот.
„Наместо мирно да ни кажат да се повлечеме, тие почнаа да пуштаат солзавец. Ни се закануваат дека ќе нè уапсат. Исто така, фрлаа димни бомби кон нас. Ни насочија пиштоли. Ние не правиме ништо. Сите сме исплашени. Тие не направија ништо освен што не натераа да се чувствуваме како ние да сме криминалци“, изјави демонстрантка.
Шефот на Белата куќа откако ја презеде функцијата во неколку наврати тврдеше дека ќе депортира од 15 милиони до 20 милиони луѓе кои илегално живеат во САД. Заострената имиграциска политика и поголемите контроли за издавање американски визи директно ги засегнаа студентите и луѓето кои со години живеат и работат во ветената земја без американско државјанство.
Маријана Димовска
