Утре избор на нов министер за здравство
За утре е закажана 54-та собраниска седница на која се ставени две точки на дневен ред – избор на министер за здравство и заменик-министер за земјоделство. Тоа се двете испразнети места откако Арбен Таравари и неговата Алијанса за Албанците ја напуштија владината коалиција. Азир Алуи е новиот предлог на „Вреди“ за ресорот – здравство, а Албрим Хоџа за заменичкото место во земјоделство...

Азир Алиу да биде министер за здравство, а Албрим Хоџа заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство се владините предлози потпишани од претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кои ќе се разгледуваат на 54-тата собраниска седница. Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки, професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈУЕ во Тетово. Тој е дел од Алијанса за Албанците која останува во „Вреди“ по оставката на 15-ти мај на Таравари. Ова нема да му биде прво министерско искуство на Алиу кој во 2023-та и 2024-та беше министер за информатичко општество, а бил и на други одговорни позиции.
Од опозициската СДСМ се сомневаат дека новиот 19-ти по ред министер ќе го излечи здравството во колапс. Очекуваат решенија и резултати.
Во биографијата на Хоџа пак се наведува дека е новинар со повеќегодишно искуство, дипломирал на правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат конструктивна собраниска дебата на која ќе ги произнесат своите ставови.
Од Владата очекуваат посветеност, реорганизација и реализација на програмата на Владата за здравството од новиот министер.
Александра Велинова
