Здравство

Стотина прегледи во едно деноноќие на Детската клиника

08.06.2025 15:06

Дежурните лекари во амбулантите на Клиниката за детски болести со полни раце работа за продолжениот викенд. Дијареја, повраќање, понекогаш проследени со температура се причини поради кои се бара помош. Од доенчиња до деца на училишна возраст, сите се засегнати, но најкритичната, најранилвата група се бебињата до една година бидејќи брзо можат да дехидрираат.

По стотина прегледи за 24 часа имаат лекарите во дежурните амбуланти на Клиниката за детски болести. Дијареја, повраќање, проследени со покачена температура е најчестата симптоматологија поради која родителите ги носат децата и бараат помош.

Поголем дел од нив заминуваат дома, но има деца на коишто им е потребно болничко лекување. Причина се цревните инфекции, најчесто се вирусни, но лоша клиничка слика може да предизвикаат и бактерии како салмонелата или ешерихија коли. За децата се грижи професорката Бојаџиева, на 4-ти кат на Детската клиника во Одделот за гастроентерохепатологија.

На болничко лекување има деца од сите возрасти. Најранливи се бебињата кои брзо дехидрираат.

Професорката Бојаџиева апелира, родителите да внимаваат што јадат и пијат нивните деца, дали храната е соодветно чувана, ако е свежа убаво да биде измиена и да се даваат пробиотици.

Наташа Јанчиќ Менковски