Влада

Повредените од пожарот ќе се рехабилитираат во одморалиштето „Пониква“

08.06.2025 17:04

Персонализиран третман, медицинска нега, физичка и психолошка рехабилитација на повредените од пожарот во Кочани ќе има во одморалиштето „Пониква“ кое Министерството за внатрешни работи му го става на располагање на Министерството за здравство. Има 27 соби и 56 легла. Според Владата, локацијата во природна и мирна средина, е идеална за пациенти кои се веќе стабилизирани, но имаат потреба од дополнителна терапија за да се намалат долгорочните последици од изгорениците.

Повредените од пожарот во Кочани ќе се рехабилитираат во одморалиштето „Пониква“. Со владина одлука, Министерството за внатрешни работи, како сопственик, ќе му го отстапи објектот на Министерството за здравство, со цел рехабилитација и продолжена медицинска нега на повредените. Станува збор за пациенти во стабилна состојба, но кои имаат потреба од понатамошно лекување. Одморалиштето има капацитет од 56 легла, сместени во 27 соби. Нема ништо поважно од човековиот живот и достоинство, порачаа од Владата.

Владата ја разбира болката на ужалените семејства на жртвите во пожарот, но предупредува дека личните напади, искажани на последниот протест, може да се искористат за политички цели.

Владата воспостави и телефонска линија, преку која повредените од кочанската трагедија и нивните семејства ќе можат директно да комуницираат и да ги изнесат своите барања и потреби. Линијата ќе биде активна од 9-ти јуни, а со неа ќе управува канцеларијата на претседателот на Владата. Владата ги повикува сите засегнати да се јават со свои барања и предлози, кои потоа ќе се проследат до надлежните институции.

Марија Котовска