Политика

Партиски обвинувања за софтвер за прислушување

08.06.2025 17:40

Софтвер за прислушкување и шпионажа на телефонските уреди ги скара власта и опозицијата. За СДСМ, распишаниот тендер за лиценци е показател дека МВР сака да следи новинари, активисти и неистомисленици. МВР ги отфрла тврдењата како невистинити. Објаснуваат дека станува збор за редовно обновување на лиценци за специјализиран форензички софтвер …

Опозициската СДСМ објави договор, според кој на почетокот на мај, МВР набавило софтвер за прислушкување и шпионажа на телефонски уреди. Социјалдемократите прашуваат дали таргет на следење и прислушкување се новинари, активисти и политички неистомисленици. Според нив, овој софтвер е развиен за потребите на српската безбедносно информативна агенција, a набавката на годишните лиценци за софтверот чини 9 милиони денари.

„Ова се скандалозни и загрижувачки информации. Зошто МВР го избра најсомнителниот софтвер, познат по низа скандали и незаконско следење? Ќе се прислушкува ли повторно „на големо“ и тоа без соодветни одобренија од правосудните органи?“, изјави Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.

МВР објаснува – станува збор за редовна обнова на лиценци во транспарентна постапка, софтверот не се користи за прислушување, туку за истраги по претходно добиена согласност.

„Станува збор за редовно обновување на лиценци за специјализиран форензички софтвер, кој министерството повеќе од една деценија го користи за екстракција и анализа на дигитални податоци од мобилни телефони и други електронски уреди, во рамки на истраги што се водат исклучиво врз основа на наредби и во согласност со законските процедури. Овие алатки не овозможуваат и не се користат за прислушкување“, велат од МВР.

Од владата посочија дека софтверот бил набавен во време на СДСМ.

„Овој договор кој го спомнуваат е рамковна спогодба за три години за набавка на лиценците и ништо повеќе од тоа. Замислете набавуваат опрема во нивно време, денеска излегуваат на прес-конференција и лиферуваат лаги“, изјави Марија Митева – портпарол на Владата.

Од МВР бараат борбата против криминалот да биде заедничка, а не да биде повод за политички конструкции.

Андријана Ѓурческа