Немири во Лос Анџелес
Продолжува хаосот во Лос Анџелес. Полицијата употреби шок бомби и пукаше со гумени куршуми. Уапсени десетици демонстранти. Гувернерот на Калифорнија најави дека ќе го тужи претседателот Трамп за распоредувањето трупи на националната гарда во Лос Анџелес, без да се консултира со него...

Солзавец, флеш гранати, запалени автомобили, гумени куршуми и десетици уапсени – Лос Анџелес стана како воена зона откако националната гарда по наредба на Трамп се распореди за да ги заштити федералниот персонал и имот, по насилните протести викендов поттикнати од имиграциските рации и апсења. Во центарот на градот воведена забрана за собири.
„Кога мирните демонстрации ќе прераснат во акти на вандализам или насилство, ние мора цврсто да одговориме. Имавме поединци кои пукаа со пиротехнички материјал кон нашите полицајци. Ги приведовме за да ги повикаме на одговорност“, Џим Мекдонел – началник на полицијата во Лос Анџелес
Ова е прв пат по неколку децении, претседател да ја повика Националната гарда без барање или согласност од државата. Подготвени за распоредување се и 500 маринци. Трамп го брани својот потег велејќи дека тие ќе се погрижат да има закон и ред.
„Подготвени сме да испратиме кој и да ни треба за да се осигураме дека редот се почитува. Јасно им кажав: никој нема да плука по нашата полиција или нашата армија неказнето. Ако тоа се случи, одговорот ќе биде многу силен. Тие плукаат, ние удираме“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
„Тука сме затоа што сакаме ослободување на притворените имигранти. Трамп се обидува да нè окарактеризира како бунтовници и ограбувачи, а ние всушност сакаме да кажеме дека ова е погрешно. Националната гарда само ја ескалира ситуацијата“, изјави Естрелазул Корал – демонстрант.
Опасна ескалација-реагираат калифорниските власти. Според гувернерот Њусам, тоа е нелегална и неморална одлука. Најави тужба против администрацијата на Трамп.
„Она што го гледаме во Лос Анџелес е хаос што го предизвикува администрацијата. Станува збор за друга агенда, а не за јавната безбедност“, изјави Карен Бас -градоначалничка на Лос Анџелес.
„Трамп ги влоши условите, тој додава масло на овој оган. Ова е неуставен чин, и ќе ја тестираме таа негова теорија со тужба“, изјави Гевин Њусом – гувернер на Калифорнија.
Шефот на Белата куќа остана доследен на мигрантската политика од кампањата, спроведувајќи масовни депортации и апсења низ земјата. На протестите во Лос Анџелес се приклучија и демонстранти во Сан Франциско, изразувајќи отпор кон репресијата на Трамп.
Бојана Крстевски
