Проширена истрагата за пожарот во „Пулс“
Проширена истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“. Осомничен и сопственикот на агенцијата што го обезбедувала објектот, за тешки дела против општата сигурност. Заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани, без склучен договор, во текот на 2025 вршеле обезбедување на имот и лица за клубот...

Проширена е истрагата со уште едно лице за пожарот во кочанското кабаре „Пулс“. За тешки дела против општата сигурност осомничен е сопственикот на агенцијата за обезбедување. Во текот на досегашната постапка обезбедени се докази дека клубот во текот на 2025-та бил обезбедуван без склучено договор со сопственикот на кочанската дискотека.
Приватното обезбедување, заедно со други осомничените претходно не направиле безбедносна проценка и план за обезбедување, велат од Обвинителството.
„Без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот, не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внесување и користење експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Со судска наредба извршен е претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот, при што е одземена обемна документација, поврзана со правното лице и електронски уреди, а осомничениот е приведен. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Кочанскиот суд бара определување мерка притвор.
Во пожарот во „Пулс“ настрадаа 62 лица, а околу 200-те беа повредени. За тешки дела против општата сигурност, Обвинителството сомничи 46 лица, поранешни и актуелни министри и директори на Пазарниот инспекторат, екс-градоначалници на Кочани, а со истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, опфатени се и 14 полициски службеници.
Наташа Јанчиќ Менковски
