Општина Охрид подготвена за справување со пожари
Општина Охрид и противпожарната единица темелно се подготвија пред летниот период за кога се најавени високи температури кои можат да предизвикаат пожари. Градоначалникот Кирил Пецаков најави нови вработувања за доекипирање на единицата, а новина е формирањето на волонтерско противпожарно друштво кое во моментов брои дваесет и пет лица....

По минатогодишните големи пожари Охрид и Територијалната противпожарна единица како никогаш досега се подготвени да ја дочекаат летната сезона, која носи ризици од пожари, кои пред сè ги предизвикуваат несовесни граѓани. Покрај доопремување на противпожарната единицата, планирано е вработување на пожарникари кои ќе минат низ соодветна обука со што ќе се зголеми ефикасноста при интервенциите.
„Не само млади и нови пожарникари како што кажавте, туку и пожарникари кои се подготвени и обучени, коишто ја сакаат својата работа. Можеби во минатото селекцијата била различна, меѓутоа тоа не е тема од денешен аспект. Најбитно е дека општината имаше веќе еден координативен состанок, на којшто следеше и втор поврзано со подготовката, стратешкото позиционирање и опремување на местата коишто се тешко пристапни за да може полесно да се реагира“, изјави Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.
Од големо значење е и тоа што веќе е формирано првото волонтерско противпожарно друштво во Охрид во кое членуваат 25 лица, обучени за гаснење пожари на отворен простор.
„Ние покриваме две општини, една огромна територија на потегот кон селото Белчишта и селото Пештани. Првичната реакција од волонтерите ќе биде од огромно значење сè додека нашите екипи пристигнат на самото место“, изјави Борко Јанкулоски-командир на ТППЕ Охрид.
Новоформираното противпожарно друштво „Ентузијаст“ веќе има сопствени простории кои треба соодветно да се опремат, а доби и вредна донација од австриската покраина Тирол, специјализирано возило за гаснење пожар и опрема за успешно справување со овој вид елементарни непогоди.
Сашо Нелоски
