двојно убиство

Завршни зборови на Обвинителството за двојното убиство

09.06.2025 17:55

Овие злосторства заслужуваат правна, но и длабока морална осуда – завршни зборови на обвинителството за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Обвинети се Љупчо Палевски – Палчо, Влатко Кешишев, Боре Видевски, Велибор Манев и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Обвинителството смета дека сите дејствија се докажани и бара соодветна казна.

Испланирале филмско сценарио за нивно киднапирање и ладнокрвно ги убиле. Повеќе од 4 часа Обвинителството ги презентираше завршните зборови. Убиството на дете не е само чин на суровост туку и напад врз човештвото, рече обвинителката Јосифовска. Првообвинетиот Палевски заедно со Кешишев, Видески и Манев се товарат дека сториле две убиства и две грабнувања. Панче го убиле поради автомобилот кој имал голем багажник, за потоа да ја киднапираат Вања и да побараат откуп. Со парите според обвинителката, ќе им овозможиле на нивните деца низа поволности и ќе им правеле свадби.

„Откако го убиле Панче, не се предомислиле за понатаму. Го закопале во дупка и продолжиле со злосторствата. Убиле невино дете, кое ништо не им згрешило. Таткото, омилениот родител на Вања, сигурно тврдел дека таа е киднапирана, не ни прашал за Миња, тргнал демек да ја бара, не кажал каде оди, а тргнал по истиот пат по кој оделе убијците. Кога полицијата ги поврзала двете возила, „реното“ и „цитроенот“, обвинетиот Палевски на 30 ноември тргнал да бега, наводно за да оди на преглед, иако немал возило. Од Белград избегал кон Турција. Иако во десна во тоа време имало закажани настани, тој избегал сам. Послушниците оставени од лидерот решиле да кажат што направиле. Кешишев го посочил местото каде што била закопана Вања, Манев посочил каде е закопан Панче“, стои во завршните зборови на ОЈО.

Таткото на Вања останува во обвинението. Се товари дека им помогнал на обвинетите да ја грабнат неговата ќерка откривајќи им го времето кога таа оди на училиште. За неговиот адвокат Туфегќиџ обвинителство нема ниту еден доказ за инволвираноста на неговиот клиент и верува дека судот ќе донесе праведна одлука.

Обвинителката во завршните зборови ги повтори сведочењата, материјалните и вербални докази, со кои вели ќе се докаже оти обвинетите на чело со Палевски ги сториле кривичните дела. Судењето за двојното убиство кое ја згрози Македонија почна во септември се одржаа повеќе од 30 рочишта.

 

Викторија Милевска